23 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Едно од најуредените детски игралишта во Општина Аеродром е привремено затворено откако група млади лица извршила тежок вандализам врз реквизитите и опремата. Општината најави итна санација и строги санкции за виновниците.
Детското игралиште „Патрик“ претрпе сериозни оштетувања откако стана мета на вандалски чин. Веднаш по инцидентот, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, придружуван од општинските служби, излезе на терен за да изврши детален увид во состојбата на игралиштето.
Според официјалните информации од Општината, првичните проценки покажуваат дека уништувањето на реквизитите и урбаната опрема предизвикало материјална штета од повеќе илјади евра.
Поради степенот на оштетувањата и пред сè од безбедносни причини за најмладите, игралиштето во моментов е надвор од употреба. Од локалната самоуправа уверуваат дека во најкус можен рок ќе започне целосната санација на просторот и замената на уништените реквизити со нови.
Општина Аеродром информираше дека случајот е веќе пријавен во полиција, а против сторителите се поднесени соодветни пријави за уништување на јавен имот.
Општинските власти упатија и посебна јавна благодарност до нивниот сограѓанин Никола Поповиќ. Според нивните наводи, токму неговата брза и навремена реакција помогнала да се спречи уште поголемо и помасовно оштетување на игралиштето.
Остро осудувајќи го настанот, од Општината испратија порака до јавноста и апелираа до граѓаните да бидат сојузници во заштитата на заедничкиот имот:
„Мора да ставиме крај на ваквите појави. Јавното добро не е ничие приватно игралиште за уништување. Тоа е создадено со средства на граѓаните и обврска на сите нас е да го чуваме и почитуваме.“
Надлежните ги охрабруваат сите жители доколку забележат каков било обид за вандализам или уништување на општинскиот имот, веднаш да пријават до соодветните институции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

