31 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Ко-водителот на подкастот „Коридор 8“, Атанас Величков, во јавна изјава јасно ги образложи своите лични и национални позиции, нагласувајќи дека неговите ставови често се погрешно интерпретирани и злоупотребени.
„Јас сум Македонец, потекнувам од географската област Македонија“, изјави Величков, додавајќи дека по националност е Бугарин и дека тоа никогаш не го криел. Според него, станува збор за лична и свесна определба до која дошол подоцна, а не за нешто што го негира неговото потекло или идентитетот на другите.
Величков посочи дека доаѓа од, како што вели, „проблематично семејство“ во однос на овие прашања, но тоа никогаш не го навело да развие омраза кон кој било народ. Напротив, тој истакна дека никогаш не мразел ниту еден народ на оваа земја, а уште помалку Македонците.
Тој направи јасна разлика меѓу критика на државни политики и однос кон народите. Како пример ја наведе својата несогласност со политиката на рускиот претседател Владимир Путин кон Украина, нагласувајќи дека тоа не значи омраза кон Русите како народ.
„Сум искажувал ставови против одредени политики на одредени држави. Тоа не значи дека мразам народи“, рече Величков, додавајќи дека ваквите ставови често намерно се претставуваат како национална или етничка омраза.
Тој категорично ги отфрли обвинувањата дека застапува идеологии според кои Македонците треба да се „освестат“ како нешто друго или дека се обидува да се наметне во улога на „голем брат“. Според него, секој човек сам избира како ќе се идентификува и со кого ќе чувствува блискост.
„Секој сам бира дали ќе биде брат на некого. Но да ми се наметнува дека јас мразам некого – тоа нема да го дозволам“, порача Величков.
На крајот, тој повторно подвлече дека неговата позиција е јасна и непроменета: никогаш не мразел народи и неговите јавни настапи треба да се читаат како политички ставови, а не како израз на етничка или национална нетрпеливост.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

