06 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Возачите на автобусите на ЈСП и на возилата на останатите јавни претпријатија во Скопје отсега самите ќе ги сносат трошоците за сообраќајните прекршоци што ќе ги направат при извршување на работните задачи. Ова денеска го соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека со оваа мерка се става крај на досегашната пракса казните да се плаќаат од буџетот на јавните претпријатија.
Како што појасни Ѓорѓиевски, доколку возач помине на црвено светло, ја надмине дозволената брзина или направи друг сообраќаен прекршок, финансиската одговорност ќе биде негова лична, а не на претпријатието во кое е вработен.
„Целта е да воведеме ред, одговорност и еднакви правила за сите. Не може граѓаните преку јавните претпријатија да ги плаќаат казните за нечие несовесно однесување во сообраќајот“, истакна градоначалникот.
Во таа насока, Град Скопје воведува и нови, модерни системи за контрола со цел да се спречат злоупотребите и да се подобри дисциплината. Возилата на јавните претпријатија нема да можат да стартуваат без идентификациска картичка од возачот, што ќе овозможи во секој момент точно да се знае кој управува со возилото.
„Доколку поради каква било причина не може да се утврди кој бил возачот, одговорноста ќе ја сноси шефот на возниот парк“, додаде Ѓорѓиевски.
Покрај контрола на сообраќајното однесување, градот најави и воведување на системи за следење на потрошувачката на гориво. Во возилата ќе се инсталираат специјални мерачи на гориво и ГПС-уреди, кои во реално време ќе ја следат потрошувачката и движењето.
Системот автоматски ќе алармира доколку се забележи отстапување во потрошувачката поголемо од еден литар, со што, како што беше истакнато, ќе се спречат долгогодишните злоупотреби и кражби на нафта од автобусите и тешката механизација.
Од Град Скопје очекуваат дека овие мерки ќе донесат поголема транспарентност, финансиски заштеди и значително подобрување на безбедноста и дисциплината во јавниот превоз.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

