ФФМ: Срамните сцени од натпреварот нема да останат неказнети
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) остро реагираше по скандалозниот натпревар помеѓу ФК Кожуф и ФК Башкими, одигран во рамките на 28. коло од Втората македонска фудбалска лига.
Во официјалното соопштение, ФФМ изрази „длабоко разочарување и огорченост“ поради случувањата на теренот и недоличното однесување на поединци, кое беше оценето како „директна навреда за фудбалот, за фер-плејот и за сите што со чесна намера учествуваат во спортот“. Од федерацијата порачуваат дека сцените што ги видовме се „срамни и неприфатливи“ и најавуваат решителни мерки за ваквите инциденти да не се повторат.
„Ова раководство на ФФМ нема да дозволи ваквите појави да станат норма, ниту да поминат без последици. Очекуваме целосни извештаи од официјалните лица на натпреварот, по што ќе бидат преземени сите мерки во рамките на нашата надлежност“, се вели во соопштението.
Федерацијата најавува дека нема да има заштитени и дека секој кој го нарушил интегритетот на натпреварувањето ќе се соочи со одговорност. „Нашата цел е јасна: фудбал без дамка, натпревари во кои резултатите се одлучуваат на теренот, а не зад кулисите.“
Од ФФМ нагласуваат дека се определени да стават крај на нечесните практики кои со години го трујат македонскиот фудбал. „Време е конечно да расчистиме со ѓубрето“, порачуваат од федерацијата, додавајќи дека во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и другите надлежни институции ќе преземат сè што е потребно за овие случаи да добијат соодветен епилог.