ФК Гостивар: Нашиот револт е кон Стојчевски, а на ФФМ не му одговараме
Фудбалскиот клуб Гостивар се огласи по вчерашните настани на натпреварот против Работнички, каде што тимот реши да го напушти теренот по пресвртот на „романтичарите“ (1-2) во битката за пласман во европските натпреварувања.
Во краткото соопштение, од Гостивар нагласија дека нивниот револт не е насочен кон противничкиот тим, туку исклучиво кон судијата Игор Стојчевски, кого го обвинија за скандалозно судење.
„Инцидентот кој се случи не е против Работнички. Нашата реакција е заради судијата Игор Стојчевски. Овој судија е познат по скандалозното судење. Ниту еден тим не го сака,“ велат од клубот.
Во однос на соопштението од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), од Гостивар беа јасни дека нема да одговорат на ниту едно прашање или коментар, потенцирајќи дека сите свои ставови веќе ги изнесле на прес-конференција.
„За соопштението на ФФМ, нема да одговориме на ниту еден збор. Како што кажавме на нашиот прес, ние сме чисти, нема тема на која што немаме одговор“, стои во нивното обраќање.
Според правилникот, Гостивар ќе го загуби натпреварот против Работнички со службен резултат, а дополнително се соочува и со можност за одземање на бодови и дополнителни санкции за иницијаторите на напуштањето на теренот.