14 април 2025
• од Гоце Кически
Под мотото „Заедно со вас, заедно за Кочани“, фудбалските легенди на Бугарија и Северна Македонија ќе се соочат во хуманитарен натпревар со една цел – да се соберат средства за настраданите од трагичниот пожар во дискотека во Кочани.
Иницијативата потекнува од фондацијата „Национали 94“, предводена од бугарските фудбалски легенди Красимир Балаков и Христо Стоичков, кои со голема емоција повикаа јавноста да се вклучи и помогне.
Натпреварот ќе се одигра на 27 април, со почеток во 16:00 часот, на стадионот „Спартак“ во Варна. Средствата собрани од настанот ќе бидат целосно наменети за поддршка на жртвите и нивните семејства од несреќата во Кочани.
„Не е само поради фудбалот, туку поради уникатната кауза. Ги повикуваме сите што имаат можност – дојдете, бидете дел од нешто поголемо од спортот,“ изјави Балаков во интервју за бугарската емисија „Арена спорт“.
Рангелов додаде дека идејата за ваков настан се родила уште лани, на 100-годишнината од клубот Етар, кога се собрале дел од јунаците од СП '94. Планот бил да се организира низа натпревари, но трагедијата во Кочани го забрзала реализирањето.
„По предлог на Христо Стоичков, одлучивме натпреварот да се одигра токму во Варна,“ изјави Рангелов.
Според организаторите, интересот за настанот е огромен. Иако стадионот „Спартак“ има капацитет од 6.500 гледачи, се очекува публика од 8 до 10 илјади луѓе. Настанот ќе биде збогатен со концерт, кој ќе започне во 16:00 часот, пред самиот натпревар.
На сцената ќе настапат познати бугарски ѕвезди, меѓу кои браќата Аргирови, Володија Стојанов и дуото Експлоуз, додека тимот на Северна Македонија ќе биде придружуван од позната македонска пејачка.
„Македонците ќе играат со помлади фудбалери. Ќе биде интересно, но најважно е да бидеме обединети во хуманоста,“ заврши Балаков.
Овој настан е пример за тоа како спортот може да обедини и да даде надеж во моменти на голема тага.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

