Кривична пријава за фудбалери на Гостивар поради напад на полиција по натпреварот со Струга
Струшката полиција поднесе кривична пријава против четири лица — државјани на Германија, Сенегал, Турција и Македонија — поради напад и спречување на полициски службеници при вршење службени дејствија.
Според информациите на СВР Охрид, инцидентот се случил на 19 април годинава на фудбалскиот натпревар во Струга. По завршувањето на натпреварот меѓу екипите на Струга и Гостивар, тројца фудбалери од Гостивар и едно лице од стручниот штаб биле инволвирани во конфликт кој прераснал во физички напад врз полицајците. Со влечење, оттурнување и физички напад, тие се обиделе да ги спречат полициските службеници во преземањето мерки поради нарушениот јавен ред и мир, кој настанал поради тепачка.
„ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.А. (31) од Германија, А.Д. (25) од Сенегал, Ш.Т. (25) од Турција и Е.Д. (28) од Македонија, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ‘спречување на службено лице во вршење на службено дејствие’ и ‘напад на службено лице при вршење работи на безбедноста’,“ изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Четворицата беа приведени веднаш по инцидентот од страна на струшката полиција. Настанот фрла сенка врз спортските настани, кои честопати завршуваат со нарушување на јавниот ред и апелира за поголема одговорност и дисциплина како на теренот, така и надвор од него.