Нефи Усеини: Во Воска Спорт вложив стотици илјади евра од лични средства!
Еден ден по објавата дека Воска Спорт се повлекува од натпреварувањето во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), претседателот на клубот, Нефи Усеини, јавно се обрати до јавноста и навивачите за да ги објасни причините за ваквата одлука.
Усеини откри дека во Воска Спорт вложил стотици илјади евра од сопствени средства, без поддршка од институции или поединци. Според него, идејата од самиот почеток била да се создаде клуб кој ќе обединува и ќе претставува гордост за градот, државата и албанската заедница.
„Од основањето на клубот Воска Спорт, мојата идеја и онаа на моите соработници беше јасна — да изградиме клуб кој нè обединува и нè претставува достоинствено, како држава, како град, како албанска заедница, не само на оваа страна, туку и подалеку. Инвестирав и потрошив стотици илјади евра од лични средства, без никаква поддршка. Ова го направив со срце, со страст и со убедување дека градиме проект со кој сите Албанци ќе се фалат“, истакна Усеини.
Иако Воска Спорт за релативно краток период успеа да се избори за место во елитната македонска фудбалска сцена, клубот сега, согласно правилникот, се сели во најнизок ранг на натпреварување. Сите преостанати натпревари на клубот до крајот на сезоната ќе се регистрираат службено со резултат 3-0 во корист на противникот.
Повлекувањето на Воска Спорт остава празнина во ПМФЛ и ја отвора дилемата за предизвиците со кои се соочуваат приватните спортски проекти во земјава без институционална поддршка.