Нов скандал во македонскиот фудбал: Гостивар се повлече од теренот против Работнички
Македонскиот фудбал повторно е во фокусот на јавноста поради нов скандал. Во дербито за европските позиции меѓу Гостивар и Работнички, екипата од Гостивар реши да го напушти теренот во 85. минута, незадоволна од судиските одлуки.
Гостивар прв дојде до водство со голот на Ервин во 66. минута, но недолго потоа остана со играч помалку по добиениот црвен картон. Работнички ја искористи бројчаната предност, најпрво израмнувајќи преку Ангелов во 79. минута, а потоа и постигнувајќи го победничкиот гол преку Дејли во 84. минута.
Незадоволни од развојот на настаните и судиските одлуки, фудбалерите на Гостивар ги напуштија теренот и заминаа во соблекувалната. На теренот влегоа и газдата на клубот, Уста, како и еден од шефовите на стручниот штаб, Панов, кои по краток разговор со четвртиот судија, исто така се повлекоа.
Во моментот, Работнички и судиската тројка останаа на теренот во Маџари, чекајќи официјален расплет на ситуацијата. Како што стојат работите, ова би можело да има сериозни последици за регуларноста на првенството.
Ова не е прв ваков случај сезонава. Во претходното коло, Воска Спорт го напушти теренот за време на мечот со Вардар, по што клубот доби казна од девет бодови и потоа се повлече од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
Мак-фудбалот се соочува со сериозни предизвици, а овие инциденти дополнително ја загрозуваат стабилноста и регуларноста на натпреварувањето.