03 мај 2025
• од Вардарски
Чествувањата по повод 1160 години од покрстувањето на бугарскиот народ и 1170 години од создавањето на бугарската азбука продолжуваат во Бугарија, со низа свечени настани кои го одбележуваат овој значаен историски и духовен момент.
Вечерта на 2 мај, во дворот на Големата базилика во Плиска, се одржа молебен, по кој следуваше празничен концерт. Настанот го посетија високи државни и црковни претставници, меѓу кои претседателката на Народното собрание Наталија Киселова, вицепретседателката Илијана Јотова, вицепремиерот Атанас Зафиров, министерот за образование Красимир Влчев, како и бројни општински и академски личности и граѓани.
Бугарскиот патријарх Даниел во своето обраќање нагласи дека „денот на успението и црковната почит кон светиот рамноапостолен Борис-Михаил – Покрстителот на Бугарите, е погоден момент да размислиме за сето она што покрстувањето го донесе на народот: Божјата милост која тогаш и денес се излева врз нас, иако не секогаш сме свесни за тоа.“ Тој истакна дека визијата на свети Борис била Бугарија да стане христијанска држава, држава на словото, духовноста и високата култура – и дека и денес тоа зависи од желбата и делувањето на потомците.
Вицепретседателката Јотова, пак, потсети дека „од Плиска започнува една нова цивилизација – словенската, која ја определува судбината не само на Бугарија, туку на целото словенство и денес и во иднина.“
Претходно во текот на денот, Бугарската православна црква го испрати своето патријаршиско и синодално послание, со кое ја пренесе радоста од овие празнични чествувања до секое „богољубиво бугарско срце“. Во посланието се нагласува дека ова дело на покрстувањето претставува најважен духовен, културен и цивилизациски избор во историјата на бугарскиот народ.
Чествувањата продолжуваат и на 3 мај во Шумен, каде патријархот Даниел ќе служи краток молебен во храмот „Св. Три Светители“. Потоа во Шуменскиот универзитет „Епископ Константин Преславски“ ќе започне пленарна научна сесија посветена на 1160 години од покрстувањето и 1170 години од создавањето на бугарската азбука и словенската писменост.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

