Бугарија и Јордан ќе го зајакнуваат политичкиот дијалог
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, и вицепремиерот и министер за надворешни работи на Јордан, Ајман Ал-Сафади, разговараа телефонски за зајакнување на активниот политички дијалог меѓу двете земји. Ова го соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
Во разговорот, јорданскиот министер Ал-Сафади му честиташе на министерот Георгиев за неговото именување на функцијата. Од своја страна, Георг Георгиев го оцени иницираниот дијалог како значаен чекор за иднината на односите меѓу Бугарија и Јордан, пренесуваат од министерството.
Двајцата министри дискутираа за конкретни идни чекори, вклучувајќи размена на посети на високо и највисоко ниво, со што ќе се даде дополнителен импулс на пријателските односи и меѓусебната соработка во различни области од заеднички интерес.
Министерот Георгиев истакна дека Јордан има клучна улога во постигнувањето на траен мир на Блискиот Исток. Во текот на разговорот беше нагласена солидарноста и силната посветеност на Бугарија во поддршката на меѓународните напори за обезбедување мир и стабилност во регионот.
Во февруари 2024 година, тогашната вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, беше во посета на Јордан, што дополнително ги зацврсти односите меѓу двете земји.