26 април 2025
• од Вардарски
На крајот на минатата година, Бугарија потпиша договори за претпроектни истражувања за технологии за мали модулни реактори (ММР), а наскоро се очекува да започне изградба на прв ваков реактор во соработка со американската компанија „Вестингхаус“.
Според класификацијата на Меѓународната агенција за атомска енергија, мали реактори се оние со моќност од 10 до 300 мегавати (MW). Денес во светот работат 133 вакви реактори во 28 земји. Но, во последната деценија, започна развој на нова генерација на мали модулни реактори со моќност до 50 MW за цивилна употреба. Тие се базираат на технологии користени повеќе од 60 години во нуклеарни подморници, носачи на авиони и мразокршачи, а сега влегуваат во производство на енергија за комерцијално користење. Моментално се развиваат над 70 проекти за вакви реактори во САД, Русија, Кина, Јапонија, Јужна Африка, Аргентина, Данска, па дури и во Луксембург.
Најголемата предност на ММР е тоа што сите клучни компоненти се сместени во компактни моноблок единици, што ги прави исклучително ефикасни, лесни за транспорт и брзи за монтажа.
Тие користат напредни технологии кои ги прават неколку степени побезбедни од досега користените конвенционални големи реактори. Тоа се должи на поедноставените системи за ладење и безбедност кои работат со растопени соли, кои истовремено служат како гориво и како ладилно средство.
Дополнително, изградбата на вакви реактори е остварлива дури и за земји со помали економии, како што е Македонија. ММР решаваат и еден голем проблем на класичните реактори – складирањето на искористено нуклеарно гориво. Тие можат да користат дел од отпадното гориво, а радиоактивната токсичност на отпадот е значително помала и со пократок временски рок на опасност.
Уште една важна предност е што една централа може да се состои од повеќе модули – 5, 6 или 8, секој со по 50 MW, со вкупен капацитет меѓу 250 и 400 MW. Работниот век на еден модул е до 60 години, по што може да се заменат со нови.
ММР имаат и голема предност во поглед на цената и времето на изградба. Откако ќе се добијат сите неопходни дозволи, изградбата може да заврши за 1,5 до 2 години, а цената е повеќекратно пониска од изградбата на голема нуклеарна централа со реактори од по 1000 MW, како што беше предвидено за проектот Белене.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

