24 мај 2025
• од Вардарски
Министерството за образование и наука на Бугарија (МОН) објави предлог за опсежни измени во Законот за предучилишно и училишно образование, кои се моментално на јавна расправа. Една од највпечатливите новини е забраната за користење мобилни телефони во училиштата, освен во строго определени образовни, здравствени или итни случаи.
Предлог-измените вклучуваат мерки за интензивно изучување на бугарскиот јазик за ученици кои не го владеат, особено за оние кои се вратиле од странство. За нив ќе има индивидуални часови или подготовителни одделенија, а при потреба – можност да го повторат прво одделение.
Во Бугарија се планира трансформација на постојните математички и природно-научни гимназии во специјализирани училишта, кои ќе запишуваат ученици уште од четврто одделение. Учениците ќе добиваат продлабочена настава, а ќе можат да продолжат со образованието без дополнително аплицирање по седмо одделение.
МОН на Бугарија предлага нов задолжителен изборен предмет за воспитување во добри вредности – како искреност, емпатија, почит и храброст. Предметот ќе биде без оцени, а ќе се нудат неколку различни програми, вклучително и нерелигиозни опции.
Учебниците во бугарските училишта ќе бидат поделени на делови за да се намали тежината на ранците. Ќе се подготвуваат и дигитални изданија со интерактивна содржина, а ќе се поедностави и процесот на нивно одобрување.
Оценувањето на учениците во Бугарија ќе се насочи кон реални животни вештини, критичко размислување и емоционален развој, наместо меморирање на факти.
Се предлага воведување на редовна годишна оценка за наставниците и директорите, со цел мотивација, професионален раст и идентификување на потреба за поддршка.
Во бугарскиот образовен систем се предвидуваат нови улоги – базични наставници кои ќе ги менторираат идните колеги и методичари за предметна поддршка. Ќе се спроведува и редовна годишна квалификација преку дигитална системска платформа.
Се предлагаат мерки за подобра инклузија на учениците со посебни образовни потреби, доделување на нови квалификации за стручњаци за рана грижа и децентрализирање на уписната политика за избегнување сегрегација.
Сите постоечки кариерни советници во Бугарија ќе бидат обединети во еден Национален центар за кариерно ориентирање, со цел да ја поддржат младината и наставниот кадар.
Овие реформи во Бугарија претставуваат сериозен обид за модернизација на образовниот систем и создавање подобра, поддржувачка и поквалитетна средина за учење.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

