22 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
На 22 септември 2025 година, Бугарија одбележува 117 години од историскиот чин на прогласувањето на својата независност. На истиот датум во 1908 година, во старата престолнина Велико Трново, во црквата „Св. Четириесет маченици“, цар Фердинанд I го прочитал Манифестот кон бугарскиот народ и објавил:
„Прогласувам обединетата на 6 септември 1885 година Бугарија за независно Бугарско царство… Да живее слободна и независна Бугарија! Да живее бугарскиот народ!“
Со овој акт, Бугарија ја прекинала својата вазална зависност од Османлиската империја и стекнала право на самостојно водење надворешна политика, склучување сојузи и воспоставување сопствен царински режим. Независноста официјално била признаена во 1909 година, со посредство на Русија и договор со Османлиската империја и големите сили.
Овој чин претставува завршница на процесот на национално обединување започнат со Соединувањето од 6 септември 1885 година. Заедно со 3 март 1878 година – денот на ослободувањето од петвековното османлиско владеење – и 6 септември, денот на Соединувањето, 22 септември е меѓу трите најзначајни датуми во современата бугарска историја.
Годинава централната државна прослава повторно се одржува во Велико Трново. Претседателката на Народното собрание, Наталија Киселова, присуствува на празничната Света литургија во црквата „Св. 40 маченици“, предводена од Великотрновскиот митрополит Григориј. Во програмата учествува и квартетот „Ангелски гласови“.
Во текот на денот е предвиден воен ритуал за кревање на националното знаме на тврдината „Царевец“, свечен говор на Киселова, како и полагање венци на Споменикот на Независноста и споменикот „Мајка Бугарија“. Во вечерните часови ќе се одржи свеченост на плоштадот „Цар Асен I“, придружена од музичкиот спектакл на XVIII Меѓународен фестивал на воени оркестри.
Празнична програма е организирана и во главниот град Софија. Свеченоста започнува пред Споменикот на Независноста на плоштад „Кнез Александар I“, со учество на Националната гарда, вокалните квартети „Славеј“ и „Светоглас“, актерката Василка Сугарева и Софискиот духов оркестар под диригентство на Васил Делиeв.
Прославата продолжува со фолклорен концерт на ансамблите „Средец“ и „Здравец“, а публиката ќе ужива и во познатите ора на Дико Илиев. Настанот е дел од Календарот на културни настани на град Софија и е организиран од Столична општина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

