Бугарија со јасна поддршка за Љупчо Ѓоргиевски: Очекуваме праведна пресуда и крај на притисокот врз македонските Бугари
Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изрази силна загриженост по повод судскиот процес против Љупчо Ѓоргиевски, претседател на здружението Културен центар „Иван Михајлов“ од Битола. Во официјалното соопштение, бугарската дипломатија очекува праведна судска одлука и отфрлање на, како што се наведува, неоснованите обвинувања против Ѓоргиевски.
Од МНР на Бугарија истакнуваат дека и покрај можното позитивно решение од судот, нанесената лична и психолошка штета од целиот процес врз Ѓоргиевски останува ненадоместлива. „Суштината на институционалниот притисок не се сведува само на исходот, туку и на последиците кои овој процес ги остави врз личниот живот и слободата на изразување“, се вели во соопштението.
Процесот против Ѓоргиевски започна во јули 2023 година, откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, партијата Левица и Сојузот на борците во Битола поднесоа пријави заради објави на Фејсбук-страницата на здружението „Иван Михајлов“. Обвинението го товари Ѓоргиевски за поттикнување расна и етничка омраза и ксенофобија поради цитирање на историскиот лик Иван Михајлов.
Последното рочиште во Основниот суд во Битола се одржа на 21 мај, а пресудата се очекува во наредните денови. На рочиштето присуствуваа и претставници од бугарската амбасада во Скопје и Генералниот конзулат во Битола, вклучително амбасадорот и генералниот конзул.
Од бугарското МНР потенцираат дека случајот со Ѓоргиевски е од суштинско значење за мерење на ангажманот на Северна Македонија во однос на почитувањето на правата на Бугарите. Министерот Георг Георгиев го пренел тоа и на официјални средби со неговиот македонски колега, а со случајот се запознаени и дипломатските претставништва на ЕУ во Скопје.
„Ќе продолжиме да ги информираме нашите европски партнери и да го активираме меѓународниот фактор во борбата за еднакви права на Бугарите во Северна Македонија“, стои во заклучокот на соопштението.
Покрај Ѓоргиевски, сведочење на рочиштето даде и поранешниот премиер на Северна Македонија Љубчо Георгиевски, со што процесот доби дополнителна политичка и јавна тежина. Бугарија, според својот МНР, останува цврсто посветена на заштитата на македонските Бугари и ќе продолжи да го следи случајот со високо дипломатско внимание.