20 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Бугарскиот парламент на прво и второ читање го усвои Спогодбениот договор за придонес меѓу Република Бугарија и Европската инвестициска банка (ЕИБ) во рамки на Фондот „ЕУ за Украина“, како и Известувањето за пристапување кон Гарантниот договор на Фондот. Со оваа одлука, Бугарија официјално се вклучува во европскиот механизам за поддршка на обновата и економското заздравување на Украина.
За договорите гласаа 108 пратеници „за“, 75 „против“, без воздржани. Поддршка дадоа пратеничките групи на ГЕРБ-СДС, ПП-ДБ, „ДПС – Нов почеток“ и независни пратеници, додека против беа БСП–Обединета левица, „Възраждане“, ИТН, „Величие“ и МЕЧ.
Спогодбата за придонес е потпишана од бугарска страна на 27 јуни 2024 година во Софија, а од страна на Европската инвестициска банка на 10 јули 2024 година во Луксембург. Учеството на Бугарија во Фондот „ЕУ за Украина“ е со придонес во форма на државна гаранција во износ од 10 милиони евра, што претходно беше одобрено од Министерскиот совет.
Издавањето на државната гаранција е предвидено во член 73, точка 2 од Законот за државниот буџет на Република Бугарија за 2025 година. Фондот „ЕУ за Украина“ е дел од иницијативата на Европската инвестициска банка, создадена како одговор на заклучоците од состанокот на Европскиот совет од 15 декември 2022 година, со цел да им овозможи на земјите членки на Европската унија и на други донори да придонесат за обновата на Украина.
Фондот функционира во рамките на ЕИБ, како дел од Партнерската платформа на Банката за фондови, користејќи постоечка правна рамка и стандардизирани процедури. Тој претставува привремено мост-решение и ги надополнува постојните финансиски инструменти на ЕУ и другите меѓународни иницијативи за поддршка на Украина.
Финансирањето на Фондот е доброволно и може да биде во форма на парични влогови, гаранции или комбинација од двете. Донатори, покрај земјите членки на ЕУ, можат да бидат и Европската комисија, држави надвор од Унијата, земји од Европската асоцијација за слободна трговија, како и приватни лица.
Европската инвестициска банка го администрира Фондот и управува со средствата согласно одлуките на Комитетот на донаторите. Средствата се користат за гарантирање на операции на ЕИБ во Украина, како и за доделување инвестициски грантови и каматни субвенции. Поддршката е насочена и кон јавниот и кон приватниот сектор, со посебен фокус на општинската инфраструктура.
Досега, договори за придонес имаат потпишано 16 земји членки на ЕУ, а вкупниот износ на учество во Фондот достигнува 410,3 милиони евра. До почетокот на 2025 година се одобрени заеми и гаранции во вредност од 215 милиони евра за проекти како изградба на систем за итни повици 112 во Украина, подобрување на подземниот транспорт во Киев, кредитна линија за мали и средни претпријатија и инвестициски фонд за технолошки компании.
Со ратификацијата на договорите, Бугарија обезбедува активно учество во Фондот „ЕУ за Украина“, со што заедно со другите земји членки солидарно ќе придонесе за обновата на критичната инфраструктура и за подобрување на пристапот до финансирање за украинските претприемачи. Ова учество претставува јасна потврда за ангажираноста на Бугарија во поддршката на економското закрепнување и долгорочниот развој на Украина.
Ѓорѓиевски најавува албански изведувач за новогодишната прослава во Скопје
Бујар Дардишта уапсен при обид за бегство на граничниот премин Долно Блаце
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

