Бугарија со осуда за рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми: Бугарија е со Украина
Министерството за надворешни работи на Бугарија со длабоко огорчување реагираше на рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми, во кој животот го загубија и беа повредени бројни цивили, меѓу нив и деца кои се собрале да го прослават празникот Цветници.
„Ужасени сме од рускиот ракетен напад врз Суми, кој однесе човечки животи и повреди недолжни луѓе, меѓу нив и деца. Нашите мисли и срца се со семејствата на загинатите и повредените,“ се наведува во објавата на бугарското Министерство на социјалната мрежа „Екс“. Во пораката, Бугарија ја потврдува својата позиција со зборовите: „Бугарија е со Украина.“
Премиерот на Бугарија, Росен Желјазков, исто така упати порака на сочувство и солидарност: „Длабоко сум натажен од веста за ужасниот ракетен напад во срцето на Суми на денот на Цветници. Моето срце е со жртвите, нивните семејства и сите погодени од овој суров чин на агресија.“
Според информациите на украинскиот министер за внатрешни работи, Игор Клименко, најмалку 21 лице го загубиле животот, а 83 се повредени во нападот со балистички ракети извршен утринава. Овој напад се смета за една од најтешките трагедии во Украина од почетокот на 2025 година.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ја осуди акцијата како еден од најужасните напади врз украински град оваа година, повикувајќи на решителна и обединета меѓународна реакција против Москва.
Овој трагичен настан повторно го сврте вниманието на светот кон страдањата на украинскиот народ и ја нагласи потребата од постојана поддршка на Украина во нејзината борба за суверенитет, територијална целовитост и безбедност на цивилното население.