24 април 2025
• од Вардарски
До крајот на оваа година, во Бургас – приморскиот град во југоисточна Бугарија – се очекува да биде пуштена во работа првата национална педијатриска болница за активно лекување „Света Анастасија“. Оваа установа е најавена како прв современ центар за детско здравство на државно ниво во Бугарија, со капацитет за згрижување на илјадници деца од целиот регион.
Болницата ќе располага со 147 болнички кревети и 16 одделенија, а во неа ќе работат 120 лекари и 220 медицински сестри. Ќе опслужува регион со население од речиси милион и половина жители, вклучително и половина милион деца – што ја прави од клучно значење за здравствениот систем на Бугарија.
Бугарскиот премиер Росен Желјазков, при посетата на градилиштето, изјави дека „качеството на здравството го прават луѓето, но за тие луѓе да останат и да се развиваат во Бугарија, неопходни се соодветни услови“. Тој истакна дека новата болница е дел од визијата за конечно воспоставување на ефикасна и функционална национална политика за детско здравје.
Градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, исто така ја нагласи важноста на проектот, истакнувајќи дека договорот за изградба беше потпишан минатата година, а моментално се финализира внатрешната опременост. Болницата е резултат на соработка со меѓународен конзорциум, поддржан од Европската банка за обнова и развој, која има искуство со изградба на над 70 болници ширум светот.
Иако објектот сè уште не е целосно завршен, болницата веќе е примена во Европската мрежа на детски болници, што претставува уште едно признание за нејзиното стратешко значење – не само за Бургас, туку и за цела Бугарија.
Министерот за регионален развој, Иван Иванов, најави целосна реконструкција на инфраструктурата околу болницата, а општина Бургас ќе добие финансиска поддршка од 24 милиони лева преку програмата „Региони во развој“.
Со овој проект, Бугарија конечно добива современ и функционален детски здравствен центар кој ќе биде репер за квалитетна педијатриска грижа и пример за здравствени реформи во целиот регион.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

