26 мај 2025
• од Вардарски
„Народ, искован од словото, роден од книгата, од јазикот и од буквите – носи во себе длабоко всадена љубов кон пишаниот збор и кон постојаното стремење по ново знаење.“ Со овие зборови бугарската вицепретседателка Илијана Јотова се обрати на отворањето на Пролетниот саем на книгата, кој традиционално се одржува пред Националниот дворец на културата (НДК) во Софија.
Јотова посебно ја нагласи улогата на бугарските букви и придонесот на светите браќа Кирил и Методиј, истакнувајќи дека нивното дело е темелот врз кој се изградила духовноста и идентитетот на бугарскиот народ. Таа рече:
„За Бугарија, секој ден е како 24 Мај – денот кога го славиме најголемиот духовен празник, денот на бугарската писменост, просвета и култура. А сосема природно е, само неколку дена потоа, да ја славиме и книгата – продолжението на таа светлина.“
Во своето обраќање, таа нагласи дека секоја книга е нов свет, нова вселена која ни овозможува да ја изградиме нашата личност, нашата мисла и нашата слобода. „Книгата не само што нè збогатува со знаење – таа нè прави посигурни, посвесни, похрабри и посвободни. Кога читаме, растеме како луѓе, стануваме отпорни на манипулации и научени да размислуваме критички“, изјави Јотова.
Таа се осврна и на современите предизвици и брзиот развој на технологијата, истакнувајќи: „Во 21 век, дури и кога вештачката интелигенција може да напише книга, таа не може да ја замени човечката длабочина, искреноста и емотивната врска што ни ја дава вистинската книга. Книгата нè учи на доблест, ни го остри разумот и нè прави неподложни на оние што сакаат да не’ разделуваат и контролираат.“
Јотова со загриженост зборуваше и за обидите за поделба, дури и во културата и литературата:
„Се појавуваат сè повеќе гласови кои не обединуваат, туку создаваат линии на поделба – дури и меѓу бугарските автори. Но не смееме да дозволиме тоа. Без разлика кого го чита која публика, сите тие се наши – наши писатели, поети, творци. Нашата книжевност е гордост, а не поле за поделба.“
Таа се повика и на меѓународните успеси на бугарската литература, потенцирајќи дека на саемите во Црна Гора и Обединетото Кралство, бугарски автори биле не само читани, туку и нетрпеливо очекувани со секое ново дело. „Тоа е доказ за квалитетот и живата сила на бугарската писменост.“
На крајот од говорот, вицепретседателката го цитираше Марин Дринов – еден од основачите на Бугарското книжевно друштво (денешна БАН):
„Јазикот е духовната тврдина на секој народ. Да ја чуваме оваа тврдина, да го негуваме и сакаме нашиот убав бугарски јазик – тоа е нашата мисија.“
Пролетниот саем на книгата, кој се одржува пред НДК, е во организација на Асоцијацијата „Бугарска книга“. На него учествуваат над 140 издавачки куќи, распоредени во 67 штанда, а во рамките на настанот се одржува и Меѓународниот литературен фестивал за деца и млади. Настанот трае до 1 јуни, а БТА е медиумски партнер.
Празникот на словото, писменоста и книгата е повод за единство, за гордост и за потсетување дека силата на еден народ започнува од неговите букви.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

