26 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Бугарија ќе го прекине договорот за транзит на руски природен гас во 2026 година. Ова го најави премиерот Росен Желјазков за време на неговата посета на САД, каде што учествуваше на годишната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Што се однесува до повикот на претседателот Доналд Трамп во рамките на сесијата, ние како дел од Европската Унија ќе се придружиме на одлуките на Унијата. Во краткорочен план – 2026 година – договорите за користење или транзит на руски природен гас ќе бидат прекинати“, изјави Желјазков.
Тој нагласи дека конечната цел е до 2028 година рускиот гас целосно да биде исклучен од бугарскиот енергетски пазар. Во моментов, вели премиерот, целото домашно побарување – и индустриско и домаќинско – е покриено со увоз на втечнет природен гас (LNG), доставуван преку специјализирани терминали.
Бугарија веќе обезбеди испораки на втечнет гас од САД за октомври и ноември под поволни услови. Дополнително, партијата „Продолжуваме со промената“ предложи закон за воведување такса на транзитот на руски гас, со која буџетот би инкасирал околу 3 милијарди лева. Со оваа мерка, властите очекуваат да избегнат зголемување на даноците за граѓаните и компаниите.
„Кога ја воведовме оваа такса, имаше закани дека нема да бидеме примени во Шенген. Сега сме во Шенген. Ова е европска политика, но и светска политика“, изјавија од партијата.
Иако Бугарија јавно најави целосно откажување од рускиот гас, осум членки на Европската Унија и понатаму увезуваат енергенти од Москва. Одлуката на Софија да го укине транзитот има потенцијал да предизвика нови политички и енергетски тензии во регионот, имајќи предвид дека земјата е единствената точка за транспорт на руски гас кон Европа.
Во рамките на посетата на САД, Бугарскиот енергетски холдинг потпиша меморандум за соработка со Универзитетот во Северна Дакота за заеднички истражувања во областа на редкоземните метали.
„Денешното потпишување е исклучително важно за развојот не само на бугарската рударска индустрија, туку и за технолошкиот напредок на Бугарија и САД“, истакна Желјазков.
Премиерот нагласи дека редкоземните метали претставуваат стратешки ресурс што гарантира конкурентност, технолошки развој и национална безбедност. Тој додаде дека преку научниот капацитет на американскиот универзитет ќе можат да се искористат можностите што ги нуди Маришкиот басен.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

