Чешкиот министер Липавски: Да не се подлегнува на пропагандата на Путин
Чешкиот министер за надворешни работи, Јан Липавски, беше меѓу првите европски политичари кои реагираа на едностраната одлука на Русија за прекин на огнот, која дојде под изговор на великденско примирје.
Во објава на социјалните мрежи, Липавски остро ја критикуваше иницијативата, нарекувајќи ја уште една алатка на руската пропаганда. Според него, намерите на Кремљ не се искрени, а целиот потег е само обид за манипулација на меѓународната заедница.
„Сирените за воздушна тревога низ цела Украина неколку минути по објавувањето на така нареченото великденско примирје покажуваат колку навистина е сериозен Путин“, изјави Липавски.
Тој потсети дека Украина уште пред еден месец прифати прекин на огнот, но Москва продолжува да го саботира секој обид за мир. „Путин не сака мир. Секој чекор што води кон деескалација е блокиран од страна на Русија“, додаде чешкиот министер.
Изјавата на Липавски доаѓа во период кога многу земји се обидуваат да најдат дипломатски пат кон прекин на конфликтот, но сѐ повеќе политичари укажуваат дека Кремљ користи лажни иницијативи за примирје за да го замаскира своето вистинско однесување на бојното поле.