ЕУ остро против идејата Крим да стане руски – Калас со јасна порака до Вашингтон
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во интервју за AFP ја критикуваше надворешната политика на Соединетите Американски Држави кон Русија. Таа изјави дека САД не го користат целиот свој потенцијал за вршење притисок врз Москва.
Калас истакна дека евентуално американско прифаќање на анексираниот Крим како руска територија во рамки на можно мировно решение би било „сериозна грешка“.
„Крим е Украина“, децидно порача Калас, додавајќи дека Европската Унија никогаш нема да го признае полуостровот како дел од Русија.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ја повтори истата позиција. „Не треба ни да се разговара за Крим… Украина не ја признава правно окупацијата на Крим, тоа е спротивно на нашиот устав. Тоа е наша територија, територија на украинскиот народ. Тоа нема да се случи“, изјави Зеленски.
Истовремено, американскиот весник The Washington Post, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека американски претставници на состанок во Лондон на 23 април планираат да предложат компромис: Крим да биде признаен како руски, а конфликтот да се замрзне по тековната фронтова линија.
Овој предлог предизвикува загриженост меѓу европските сојузници, особено во источниот дел на континентот, каде што постои страв дека ваков пристап би можел да ја поткопа меѓународната правна рамка и да охрабри идни агресии.