ЕУ воведе нов 16-ти пакет санкции против Русија
Европската унија го воведе својот 16-ти пакет санкции против Русија по повод третата годишнина од нејзината инвазија на Украина.
„Русија во изминатите три години немилосрдно ја бомбардира Украина, надевајќи се дека ќе заземе земја што не и припаѓа. Секој пакет санкции го лишува Кремљ од средствата што му се потребни за да ја води оваа војна“, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас.
На 19 февруари беа одобрени најновите санкции против Москва.
Претставниците на земјите-членки на ЕУ се договорија за 16-ти пакет, вклучувајќи забрана за увоз на руски алуминиум, како и 73 бродови за кои постои сомневање дека се дел од „флотата во сенка“. Со ова нивниот вкупен број е над 150. На сите им е забранет пристапот до пристаништата и услугите на ЕУ.
Покрај тоа, санкциите исклучија 13 руски банки од електронскиот систем SWIFT и ги суспендираа дозволите за емитување на осум локални медиуми.
Денеска се навршуваат три години од почетокот на целосната војна во Украина. Точно во 4 часот наутро Русија ја нападна својата соседна и наводно братска земја од три страни, а до денес жртвите од двете страни се над 1 милион луѓе.
Лидерите на Европската унија пристигнаа во Киев за да ја изразат својата поддршка за Украина на третата годишнина од руската инвазија.