28 мај 2025
• од Гоце Кически
Најновиот извештај на Европската комисија, објавен преку редовното истражување на Евробарометар, покажува драматично зголемување на довербата на граѓаните на Европската Унија во нејзините институции – највисоко ниво во последните речиси две децении. Според анкетата, 52% од Европјаните изразуваат доверба во ЕУ, додека довербата кај младите (возраст 15-24) достигнува импресивни 59%.
Овие резултати доаѓаат во критичен момент за Северна Македонија, која стои пред историска шанса да ги продолжи евроинтегративните процеси. Стабилната и растечка поддршка за Унијата ја потврдува перспективата дека иднината на земјите од Западен Балкан е токму во ЕУ, особено кога реформите се водат со јасна волја и подготвеност за напредок.
Во контекст на евроатлантските процеси, Северна Македонија има уште еден важен чекор – усвојување на уставните измени со кои Бугарите, заедно со други заедници, ќе бидат вклучени во Преамбулата на Уставот. Тоа не е само формално исполнување на условите за отпочнување на преговорите, туку и силна порака дека државата е подготвена за европски вредности: инклузивност, почитување на различноста и владеење на правото.
Истражувањето на Евробарометар покажува и силна поддршка за заедничка политика во безбедноста и одбраната (81%), како и за економската и монетарна унија – со рекордни 83% поддршка во еврозоната. Тоа е уште еден сигнал дека ЕУ не само што преживува турбулентни времиња, туку се консолидира и подготвува за нови предизвици, вклучувајќи ја и агресијата на Русија врз Украина, која 77% од Европјаните ја сметаат за сериозна закана.
Во време кога евроатлантските партнери се прераспределуваат, а светскиот поредок е во промена, за Северна Македонија не постои посилна алтернатива од целосна интеграција во Европската Унија – преку доследни реформи, градење доверба и одлучни чекори кон заедничка европска иднина.
Европа е подготвена. Северна Македонија, време е и ние да бидеме.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

