17 април 2025
• од Вардарски
Европскиот комесар за проширување, Марта Кос, за време на нејзината официјална посета во Софија, изјави дека Бугарија игра клучна улога во новата стратегија на Европската унија за регионот на Црното Море. Според неа, Европската комисија наскоро ќе ја претстави оваа стратегија, која има за цел да го зајакне економското и безбедносното присуство на ЕУ во овој стратешки важен регион.
На заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Росен Желјазков, Кос истакна дека регионот на Црното Море е од суштинско значење за енергетската поврзаност, трговијата и како геополитички мост кон Турција, Грузија, Ерменија и Азербејџан. „Бугарија е во срцето на овие размислувања и од клучна важност е нејзиното активно учество во изработката на новата стратегија“, рече таа.
Комесарката се осврна и на процесот на проширување на ЕУ, со посебен фокус на Западен Балкан, нагласувајќи дека тој премногу долго трае. „Мора да ја надминеме заморотa од проширувањето. Вреди да се инвестира во реформи за Европската унија. Потребен е ментален скок, надминување на болката од минатото – за тоа е неопходно вистинско лидерство“, потенцираше Кос.
Според неа, приклучувањето на соседните земји на Бугарија кон ЕУ ќе донесе значителни придобивки во трговијата, поврзаноста и економскиот развој. „Европската интеграција пред сè ќе донесе стабилност и безбедност на Балканот – нешто што е особено важно во време кога светот се менува со неверојатна брзина“, предупреди таа.
Марта Кос ја истакна и важноста од пристапувањето на Бугарија во еврозоната, што би значело дополнително стабилизирање на економскиот систем и подобра интеграција во заедничкиот пазар на Европската унија.
Новата стратегија за Црното Море, во која Бугарија ќе има централна улога, претставува дел од пошироката визија за засилување на европското присуство и влијание во регионот, со цел градење посилна и посигурна Европа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

