03 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Зголемениот број недвижности во северна Грција што ги купуваат бугарски државјани предизвика силни реакции кај грчките националистички кругови и ја отвори темата дури и во грчкиот парламент. Дел од политичарите предупредуваат на наводна „колонизација“, додека локалните заедници и бизниси тврдат дека станува збор пред сè за економски феномен, без реални тензии на терен.
Според податоци објавени од Бугарското национално радио (БНР), националистички групи во северна Грција јавно изразиле загриженост поради растечкиот интерес на Бугари за купување куќи и апартмани, особено во крајбрежните региони. Дебатата кулминираше кога лидерот на крајно десничарската партија „Грчко решение“, Киријакос Велопулос, од парламентарната говорница го обвини митрополитот на Александруполис дека продавал црковен имот на бугарски државјани.
Митрополитот Антим реагираше со официјално соопштение, во кое истакна дека не е прекршен ниту еден закон. Според него, станува збор за имоти што легално ѝ припаѓале на црквата и биле продадени на највисоките понудувачи, кои во конкретните случаи биле државјани на Европската Унија и православни христијани. Митрополијата ги оцени обвинувањата како обид за создавање поделби.
Во меѓувреме, податоците од Националната агенција за приходи покажуваат значителен пораст на бројот на Бугари кои поседуваат имот во Грција – од 772 лица во 2020 година на 3.228 во 2024 година. За 2025 година сè уште нема конечни бројки, но посредниците за недвижности потврдуваат дека трендот продолжува, со раст од околу 50 проценти кај бугарските клиенти.
Илјадници Бугари веќе имаат домови во северна Грција, а дел од нив живеат таму преку целата година. Овој тренд, според Велопулос, претставува „закана за националната безбедност“, при што тој купувањето имоти од Бугари и Турци го нарече „колонизација“, иако, како што рече, станува збор за православни христијани.
Таквите изјави предизвикаа реакции кај бугарската заедница во Грција. Бугарите што живеат и работат таму, како и дел од грчките активисти и бизнисмени, велат дека на локално ниво нема вистинска тензија. Според нив, станува збор за типична националистичка реторика што не ги одразува секојдневните односи меѓу луѓето.
Грчкиот весник „Катимерини“ дури ги опишува некои крајбрежни подрачја со поголемо присуство на бугарски сопственици како „Бугарска ривиера“. Интересот за купување имоти, според агенциите, започнал уште пред пандемијата со ковид-19. На терен не се забележуваат конфликти, но се чувствува притисок на пазарот, особено преку растот на цените и зголемената конкуренција во атрактивните туристички зони.
Цените на недвижностите, кои пред неколку години изнесувале околу 1.000 евра за квадратен метар, денес кај новоградбите достигнуваат и над 2.500 евра, во зависност од локацијата. Бугарските купувачи најчесто се водени од спокојството, близината до морето и сигурната инвестиција. Многумина купуваат стари куќи, ги реновираат и ги издаваат под закуп, што директно ги стимулира локалните економии.
Сè повеќе продавници, ресторани и таверни се приспособуваат на бугарските клиенти – менија на бугарски јазик и персонал што го зборува јазикот стануваат вообичаена појава. Според локалните бизниси, тоа не создава конфликти, туку носи дополнителна заработка.
И покрај политичката реторика, локалните претставници се категорични дека тврдењата за „колонизација“ не се поткрепени со реални факти. На терен, ефектот од присуството на бугарските сопственици е претежно економски, а не политички или безбедносен – заклучуваат и грчките и бугарските извори.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

