08 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Премиерот на Косово во заминување, Албин Курти, остро ја обвини Србија за директно мешање во изборниот процес во Косово, оценувајќи дека ова влијание е „уште посериозно од руското влијание во Европа“.
На денешната седница на Владата, Курти се повика на наодите на Мисијата за набљудување на изборите на Европската унија, според кои е забележано мешање на Србија во парламентарните избори одржани на 9 февруари.
„Мешањето на други држави во изборен процес претставува напад врз демократијата и суверенитетот на секоја земја. Иако ваквите случаи се евидентирани, Србија не се соочи со никакви последици од Европската унија, што ѝ дава простор да продолжи со истата практика“, изјави Курти.
Тој додаде дека сегашното влијание на Србија е „уште потешко и подлабоко“ од руското влијание што се чувствува во делови од Европа.
Курти побара од Европската унија јасно да го осуди мешањето на Белград во косовските избори и да преземе конкретни мерки против Србија.
„Европската унија мора да ја санкционира Србија за ваквите дејствија кои се во спротивност со принципите на добрососедство и го нарушуваат Бриселскиот договор,“ порача косовскиот премиер во заминување.
Според Курти, Белград користи различни методи за влијание врз гласачите во косовските општини со српско мнозинство.
Меѓу нив ги посочи ветувањата за вработувања што неодамна ги даде српскиот претседател Александар Вучиќ, како и финансиските поттикнувања, уцените и политичкиот притисок.
„Се користат истите стари методи – ветувања, закани и пораки дека само Српската листа ја брани Србија во Косово. Тоа е дел од континуирана стратегија на Белград за да го контролира политичкиот живот на косовските Срби“, рече Курти.
Курти ја заврши својата изјава со повик до сите косовски институции и меѓународни партнери да го заштитат изборниот процес и да овозможат демократски и транспарентни избори, без влијание од надворешни актери.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден