23 септември 2025
• од Гоце Кически
Во последните две децении, грчкото приморје кај Кавала – особено Офринио, познато и како Тузла – се претвори во омилена дестинација за Бугарите. Она што започна како летен одмор за многу семејства од Сандански, Софија или Пловдив, денес се разви во вистинска „ривиера на Бугарите“, со нови домови, инвестиции и жив туризам кој ѝ дава ново лице на регијата.
Една од симболите на овој развој е Маријана Борикова, која во 2001 година, тогаш дваесетгодишна, пристигнала од Сандански за да работи во угостителството. Денес, таа е успешна деловна жена и управува со познато посредничко биро за недвижности. Благодарение на совршеното познавање на бугарскиот и грчкиот јазик, таа стана мост меѓу продавачите и бројните бугарски купувачи, кои во последната деценија масовно се решија да инвестираат во летни апартмани.
Според локалните податоци, повеќе од половина од купувачите на недвижности на брегот околу Кавала се Бугари. Од Неа Перамос и Ираклица, па сè до планинските села во внатрешноста, нашите соседи купуваат куќи и станови, правејќи ја областа уште попривлечна и живописна. За локалните бизниси ова значи подолга туристичка сезона, зголемен приход и создавање нови работни места.
Факт е дека побарувачката ги зголеми цените – во Тузла, на пример, просечната цена на квадратен метар од 900 евра скокна на над 2.500 евра во последните десет години. Но, тоа е доказ за динамиката на пазарот и довербата на Бугарите во грчкото приморје како безбедна и квалитетна инвестиција.
Бугарските посетители не се само туристи – тие станаа соседи, партнери и дел од секојдневието на локалното население. Многумина се враќаат со години, купуваат имоти, инвестираат и придонесуваат за економскиот раст. „Секој чекор на туристот носи добивка за местото“, вели една локална архитектка, укажувајќи дека токму бугарските вложувања помогнале областа да оживее.
Во рестораните и кафулињата сè почесто се слуша бугарски јазик, а дел од локалните стопанственици веќе го совладале за да бидат уште поблиску до своите гости. Како што раскажува еден млад сопственик на рибен ресторан во Ираклица: „Научив бугарски од почит кон моите клиенти. Тие се тука со години и се чувствуваат како дома“.
Бугарите ја избираат грчката ривиера заради чистото море, тишината, вкусната храна и начинот на живот. Многумина кои пред петнаесетина години дошле како туристи, денес имаат сопствени станови или куќи и се враќаат секое лето, градејќи трајна врска со регијата.
Она што некогаш било мало и мирно рибарско место, денес е космополитска заедница во која Бугарите играат водечка улога. Оваа позитивна трансформација уште еднаш покажува дека соседството меѓу Македонија, Бугарија и Грција е не само географија, туку и можност за заедничка иднина и развој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

