Макрон бара Русија итно да прифати безусловен прекин на огнот
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска остро реагираше на одбивањето на Русија да прифати предлог за прекин на огнот во Украина, истакнувајќи дека Москва мора итно да прекине со одложувачките тактики и да прифати безусловен прекин на огнот, како што предложи американскиот претседател Доналд Трамп.
– Помина речиси еден месец откако Русија не само што го одби предлогот, туку го засили бомбардирањето врз цивилни цели, што резултираше со дополнителни трагични загуби пред неколку дена во Украина – изјави Макрон за време на својата посета на Каиро.
Францускиот претседател додаде дека ја поддржува иницијативата на Трамп за ставање крај на војната, нагласувајќи дека Европа има потреба од „цврст и траен мир кој ќе ја гарантира безбедноста на Украина и на сите Европејци“.
Макрон подвлече дека одложувањата од страна на Русија се неприфатливи и повика на итно прифаќање на договорот за безусловен прекин на огнот, на кој украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе се согласи на состанокот во Џеда, одржан на 11 март.
Од своја страна, Зеленски во неделата го изрази своето незадоволство поради, како што рече, недостаток на одговор од страна на САД на руското одбивање да прифати прекин на огнот. Тој посочи дека најновите смртоносни напади, особено врз Киев, ја потврдуваат неодговорната позиција на Кремљ.
Макрон заврши со повик до меѓународната заедница да изврши притисок врз Русија со цел итно ставање крај на страдањата во Украина и обезбедување долгорочна стабилност во регионот.