Мерц: Германија ќе изгради најсилната армија во ЕУ
Германија ќе преземе поголема одговорност за одбраната на Европа преку создавање на најсилната конвенционална армија во ЕУ, изјави конзервативниот канцелар Фридрих Мерц во среда, во обраќање пред Бундестагот.
„Сојузната влада ќе ги обезбеди сите потребни финансиски средства за Бундесверот да стане најсилната конвенционална армија во Европа“, рече Мерц. „Ова е повеќе од соодветно за најнаселената и економски најсилна земја во Европа. Тоа го очекуваат нашите пријатели и партнери — всушност, тие го бараат тоа од нас.“
Овие коментари следат по историскиот заокрет во германската фискална политика, кој го предводеше Мерц. Тој вклучува олабавување на уставната „долгова кочница“, со што потенцијално се отвора можност за стотици милијарди евра задолжување за одбранбени цели — вклучувајќи и финансирање на воена поддршка за Украина.
Мерц нагласи дека зајакнувањето на армијата има за цел да одврати агресија.
„Нашата цел е земја, Германија и Европа, кои се толку силни што никогаш нема да мораме да ги употребиме нашите оружја,“ рече тој.
Канцеларот потврди и дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина, при што нагласи: „Не смее да има сомнеж за тоа каде стоиме. Стоиме безусловно на страната на Украинците.“
Во своето обраќање, Мерц изрази загриженост и за сè поблиските врски меѓу Пекинг и Москва. Тој најави дека Берлин ќе и пренесе на Кина дека таа има одговорност да помогне во решавањето на војната во Украина.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, Германија значително го зголеми воениот буџет, иако Бундесверот останува соочен со сериозни предизвици по децении на намалување на воените капацитети и штедење.
Исполнувањето на ветувањето за создавање на најголема конвенционална армија во Европа нема да биде лесна задача. Генералот Карстен Бројер, највисокиот воен командант на Германија, во април изјави дека на земјата ѝ се потребни уште 100.000 војници „што е можно побрзо“.
Но, и покрај засилените напори за регрутација, бројот на војници останува околу 182.000, бидејќи многу млади Германци избегнуваат воена служба.
Во втората половина од својот говор, Мерц најави реформи во економијата, која е ориентирана кон извоз, но веќе две години по ред е во рецесија. Тој најави дека ќе се бори против бирократијата и ќе го поттикнува инвестирањето и претприемништвото.
Со овој амбициозен план, Мерц јасно стави до знаење дека Германија се позиционира како нов столб на европската безбедност и стабилност.