24 август 2025
• од Тодор Вангелов
Сè повеќе британски семејства го наоѓаат својот мир во бугарските села. Таков е и случајот со Лаура и Антони, кои го заменија динамичното секојдневие на Обединетото Кралство со едноставниот живот во едно мало село близу Попово.
Лаура, која во Британија работела како пејачка, денес предава англиски јазик, а Антони, поранешен сопственик на мал бизнис, најголем дел од времето го вложува во реновирање на нивната нова куќа.
„Животот таму беше исполнет со стрес. Сè што заработувавме одеше за сметки и издршка. Сакаме повеќе од тоа“, вели Антони. Одлуката дошла по една нивна посета во Бугарија – ја напуштиле Британија со ван и ја преминале цела Европа за да стигнат до своето ново прибежиште.
Првата средба со нивната стара неизмазана тулирана куќа не ветувала многу, но со упорност и труд, Лаура и Антони полека ја претворија во дом. Процесот го споделуваат и со своите следбеници на YouTube, покажувајќи како животот во мало бугарско село може да биде исполнет со убавини и смисла.
„Мислев дека никогаш нема да можам да купам куќа, ниту да имам време за семејството. Но сфатив дека Бугарија е одговорот. Не сакам големи градови – тука во малото село го најдов она чувство што ми недостасуваше“, споделува Антони.
Лаура додава: „Купувањето куќа овде ни овозможи да вложуваме љубов, грижа и внимание, наместо да плаќаме скапа хипотека. А и главната причина е што ја сакаме природата“.
Семејството ја цени храната од сопствената градина и четирите различни сезони што ги нуди Бугарија. „Во Британија времето е скоро исто цела година. Тука имаме вистинска зима и лето, а децата едноставно го обожаваат снегот“, вели Антони.
Според Дирекцијата за миграција, околу 5.000 британски државјани имаат дозвола за постојан престој во Бугарија, а по Брекзит, 32 веќе добиле бугарско државјанство.
„На Запад постои големо недоразбирање за Бугарија и Источна Европа – луѓето мислат дека е мрачно и опасно место. Сакам да ја покажам вистинската убавина – културата, луѓето, фолклорот и музиката. Сè овде е прекрасно“, вели Лаура.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

