25 септември 2025
• од Тодор Вангелов
Во време кога Соединетите Американски Држави и Европската Унија го засилуваат притисокот врз Кремљ преку енергетските санкции, унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно се позиционира како најслабата алка на европскиот фронт. Според официјалната потврда од шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, Орбан синоќа телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп, при што темата број еден биле токму унгарските увози на руска нафта и гас.
Сијарто изјави дека Орбан разговарал со Трамп за „состојбата на војната, можноста за мир, глобалната економија, тарифите, но и централноевропското снабдување со енергенси“. Разговорот уследи само неколку дена откако Трамп јавно побара сите сојузници на НАТО да го прекинат купувањето руски енергенси за да се ослабне машинеријата на Кремљ.
Орбановите министри се обидуваат да го претстават разговорот како успех. Кабинетскиот министер Гергељ Гуљаш изјави дека Трамп „ги разбрал унгарските аргументи“ за одржување на ниски цени на енергијата, иако тоа директно зависи од Москва. Но, експертите предупредуваат: Будимпешта ја претставува зависноста како неминовност, додека во реалноста постојат алтернативи.
Европската комисија веќе изработи амбициозен план за целосно напуштање на руските фосилни горива до крајот на 2027 година. Под влијание на американските напори и новиот пакет санкции, крајот на рускиот течен природен гас се очекува уште побрзо — до 1 јануари 2027 година. Дополнително, Брисел размислува за воведување тарифи на руската нафта и гас, што би го направило увозот од Москва економски неисплатлив.
На ова се надоврза и соседна Бугарија, која во Собранието веќе отвори дебата за воведување царини на транзитот на руски гас што минува низ нејзината територија кон Србија и Унгарија. Таквиот потег значително ја намалува способноста на Орбан да го користи гасот како политичка алатка, оставајќи го без простор за уцени и „специјални договори“ со Москва.
Американската позиција е јасна: секој долар што ЕУ го плаќа за руско гориво е долар за финансирање на агресијата врз Украина. Тоа е порака што Вашингтон ја испраќа кон сите, па и кон оние во Унијата што сè уште калкулираат со Кремљ.
Според унгарскиот енергетски експерт Атила Холода, Унгарија располага со доволно алтернативни капацитети за замена на руската сурова нафта преку нафтоводот од Хрватска. Сепак, државната нафтена компанија MOL инсистира на „технички потешкотии“, што Холода го толкува како изговор за да не се жртвуваат профитите од евтината руска нафта.
„Станува збор за економски интерес, а не за реална техничка невозможност,“ истакна Холода.
Додека останатите членки на ЕУ и НАТО ја разбираат историската одговорност за прекин на зависноста од Москва, Виктор Орбан продолжува да ја брани руската нафта како клучна за „ниски сметки“. Но оваа политика, иако можеби носи краткорочни придобивки за неговиот режим, долгорочно ја става Унгарија во изолација и ја врзува за нестабилен и агресивен партнер.
Со новиот сигнал од Софија, станува уште појасно дека регионалните соседи нема да дозволат Орбан да ја блокира европската солидарност. САД и ЕУ јасно покажуваат дека иднината е во независност од рускиот гас и нафта, во диверзифицирани извори и во зајакната енергетска безбедност. Европа нема место за „тројански коњи“ кои во име на евтини цени го хранат воениот апарат на Путин.
Орбан, изгледа, ја избира погрешната страна на историјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

