24 април 2025
• од Вардарски
За време на нејзината официјална посета на Финска, претседателката на Косово, Вјоса Османи, одржа заедничка прес-конференција со финскиот претседател Александер Стуб. Таа ја искористи приликата да изрази благодарност за историската поддршка што Финска ѝ ја дава на нејзината земја, и го нагласи ставот дека Косово верува во дијалог, додека Србија, според неа, тоа не го сака.
Османи подвлече дека Косово го избрало дијалогот како единствен пат за решавање на отворените прашања, но и дека е клучно сите страни да ги почитуваат меѓународните договори и принципите на владеење на правото. „Нашиот сосед не верува во овие принципи, но ние ја подадовме раката за соработка. Сакаме нашите деца да живеат во мир и никогаш да не го доживеат она што ние го поминавме“, истакна таа.
Во нејзиниот говор Османи ја истакна и силната поврзаност меѓу Косово и Финска, посебно благодарноста за улогата на Марти Ахтисари и финскиот ангажман во стабилизацијата на регионот. „Преку 7.000 фински војници беа дел од КФОР и помогнаа во одржување на мирот“, додаде таа, најавувајќи дека ќе додели Претседателски воен медал во знак на признание за нивната улога.
Претседателката исто така се осврна на војната во Украина, истакнувајќи дека Косово и Финска, како земји кои поминале низ тешки периоди на угнетување, „многу добро ја знаат цената на слободата“ и стојат цврсто зад Украина уште од почетокот на руската агресија.
Османи говореше и за процесот на евроатлантска интеграција на Косово, подвлекувајќи дека државата е посветена на демократските вредности и владеење на правото. Таа напомена дека Косово има една од најбрзо растечките економии во регионот и највисоко ниво на демократија, но дека членството во Советот на Европа сè уште е на разгледување, и покрај исполнетоста со европските критериуми. „Не сакаме чест или пречеки. Сакамe само заслужено интегрирање“, рече таа, повторно изразувајќи благодарност за поддршката од Финска.
Во контекст на безбедносната соработка, Османи откри дека предложила склучување на нов, поширок воено-одбранбен договор со Финска, што би бил логичен следен чекор за блиска билатерална соработка.
На крајот од нејзиниот настап, Османи се заблагодари за финското гостопримство и позитивната интеграција на косовската дијаспора во таа земја.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

