24 април 2025
• од Вардарски
Инцидент кој се одигра синоќа во Источно Сараево предизвика политички и безбедносен потрес во Босна и Херцеговина. Полицајци на Република Српска, вооружени и решителни, го спречија обидот на инспектори од Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) да го уапсат претседателот на РС, Милорад Додик.
Сараевските медиуми јавуваат дека неколкумина припадници на обезбедувањето на Додик и полицајци на РС биле идентификувани како директни учесници во спречувањето на акцијата. Според неофицијални информации од СИПА, тие му се заканиле на државниот орган со употреба на сила доколку се обиде да влезе во Административниот центар на РС, каде што се наоѓал Додик во моментот на обидот за апсење.
Сите лица кои, под закана со оружје, го спречиле спроведувањето на налогот за апсење ќе се соочат со кривични пријави за „оружен бунт“ – едно од најтешките кривични дела во босанскохерцеговинскиот правен систем.
Според Радиотелевизија Република Српска (РТРС), тројца инспектори на СИПА синоќа се обиделе да му го врачат налогот за апсење на Додик во зградата на Административниот центар, но биле спречени од полицијата на РС. Од СИПА потврдија дека нивни инспектори биле на теренот, но истакнаа дека не била ангажирана специјалната единица на агенцијата.
Ситуацијата дополнително се искомплицира кога, според „Аваз“, пред зградата се појавило возило на Еуфор, кое по кратко време ја напуштило локацијата без интервенција.
Во меѓувреме, Милорад Додик со хеликоптер слетал во Источно Сараево, каде одржал средба со градоначалникот и началниците на општините. Претходно, Додик не се одѕва на повикот на државното обвинителство за сослушување, по што Судот на БиХ издаде потерница по него. Тој е осомничен за напад на уставниот поредок на државата.
Случајот ги вжешти тензиите во земјата и повторно ја отвори дилемата за односот меѓу ентитетите и државните институции, правната стабилност и владеењето на правото во Босна и Херцеговина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

