21 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Полскиот министер за одбрана, Владислав Косинјак-Камиш, ја обвини Русија дека „повторно ги провоцира државите членки на НАТО“, пренесе Politico. Повод за неговото изјавување беше експлозијата на воен дрон на територија на Полска.
При инцидентот немаше повредени лица, но во околните куќи се скршени прозорски стакла, а на блиското поле е изгорена површина со дијаметар од околу 8 до 10 метри. На местото на настанот биле пронајдени обгорени остатоци од мотор кој наликувал на оние што се користат во руските ударни дронови „Шахед“.
Варшавата официјално соопшти дека вооружените сили на Полска во текот на ноќта не забележале нарушувања на воздушниот простор. Сепак, окружниот обвинител на Љублинското воеводство, Гжегож Трусевич, истакна дека „природата на експлозијата укажува дека објектот најверојатно бил воен дрон“.
Инцидентот се случи во момент кога во украинските области Лвив и Волин, кои се граничат со Полска, беше прогласена воздушна тревога. Таму, сепак, не биле регистрирани директни удари.
Властите во Варшава веднаш ги информирале своите сојузници во НАТО за случајот. Москва засега не излезе со официјален коментар.
Случајот потсетува на потешкиот инцидент од ноември 2022 година, кога украинска противвоздушна ракета падна во полското село Пшеводов за време на масовна руска ракетна офанзива врз украинската енергетска инфраструктура. Тогаш загинаа двајца цивили, што предизвика загриженост за можноста од директно вовлекување на НАТО во војната.
Во изминатите месеци, руски дронови се срушиле и на територии на други земји-членки на НАТО, како Романија и Литванија, кои исто така се во непосредна близина на зоната на воените дејства во Украина.
Владата ќе троши 383.000 евра за кампања за придобивките од членството во ЕУ
Руте: Мора да обезбедиме Путин никогаш повеќе да не се обиде да ја нападне Украина
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден