Полска: Украина би можела да продолжи да се бори со Русија со поддршка на Европа до крајот на годината
Украина може да продолжи да се бори против Русија до крајот на годината, сметајќи на поддршката од Европа, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во интервју за Си-Ен-Ен.
„Украина може да се бори сама со нашата европска поддршка до крајот на годината и мислам дека Путин треба да го земе тоа предвид“, рече Сикорски.
На прашањето дали по разговорите со американскиот државен секретар Марко Рубио останал со впечаток дека Вашингтон ќе му понуди безбедносни гаранции на Киев, Сикорски одговори дека најдобра гаранција за Украина е нејзината речиси милионска армија, која се спротивставува на руската агресија.
Сикорски нагласи дека ако некој го прашал пред три години каде ќе бидат Украина и Русија во војната денес, никој немаше да претпостави дека Русија ќе окупирала само 20 отсто од украинската територија.
„Но, ако сакаме одржлив мир, тој мора да биде таков со кој можат да живеат двете страни - пред се жртва на агресија“, рече полскиот министер за надворешни работи.