12 април 2025
• од Вардарски
Испораката на борбените авиони F-16 претставува само почеток на политичката обврска кон логистиката, одржувањето и изградбата на реални одбранбени капацитети на Бугарските воздухопловни сили – изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средба со заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за Европа и НАТО, Дејвид Бејкер, кој престојува во Бугарија по повод пристигнувањето на првиот авион F-16 Block 70.
На средбата присуствуваше и вршителката на должноста амбасадор на САД во Бугарија, Сузан Фалатко.
Радев истакна дека до крајот на годинава Бугарија очекува испорака на првите осум авиони, а целта е што поскоро да се набават и останатите осум за формирање комплетна ескадрила. Тој нагласи дека за успешна употреба на новите авиони, Бугарија мора да има доволно добро обучени пилоти и повика на заедничко унапредување на обуката со САД.
Според него, дел од обуката би можел да се одвива во Бугарија или други земји во регионот, што би овозможило подготовка на поголем број пилоти и засилена регионална соработка во областа на одбраната.
Покрај модернизацијата на воздухопловството, Радев се осврна и на плановите за набавка на борбени возила „Страјкер“ за копнените сили до крајот на 2025 година. Значаен дел од нив ќе се склопуваат во Бугарија – модел кој според него треба да се следи и во иднина, со цел поголемо вклучување на домашната индустрија и наука во одбранбениот сектор.
„Бугарија ги развива своите одбранбени способности за самостојно да ја гарантира сопствената безбедност, а не да се потпира исклучиво на сојузниците“, порача Радев.
Претседателот нагласи и интересот на Бугарија за нови, веќе докажани технологии, како што се беспилотните летала и нивното производство во земјата, што отвора нови можности за соработка со САД.
Во контекст на безбедносната состојба во регионот, Радев предупреди дека воените кризи во непосредното соседство се сериозна закана за стабилноста на Балканот и имаат силни економски и социјални последици. Тој го истакна значењето на стратешкото партнерство со САД за зајакнување на регионалната стабилност и го поздрави секој напор за прекин на војната во Украина, која ја оцени како најголема закана за безбедноста на Европа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

