02 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот бугарски претседател Румен Радев во интервју за новинарот Бојко Василев изнесе сериозни тврдења кои повторно ја разгоруваат дебатата околу т.н. Француски предлог и дипломатските потези на Македонија. Според Радев, македонската страна се обидела да изврши влијание врз унгарскиот премиер Виктор Орбан со цел тој да стави вето и да го блокира францускиот предлог во рамките на Европската унија. Обидот, како што тврди Радев, не бил успешен.
И покрај, како што ги опиша, дипломатските напори од Скопје, Унгарија не презела чекор што би го спречил усвојувањето на предлогот. Оваа изјава е особено значајна бидејќи доаѓа во момент кога Радев за првпат јавно се појавува по оставката од претседателската функција, со јасна најава дека повторно ќе биде активен на бугарската политичка сцена, овојпат како партиски и политички актер.
Обелоденувањето на ваквите информации отвора низа чувствителни прашања во македонската јавност. Доколку навистина постоел обид Македонија да издејствува унгарско вето, се поставува дилемата како тоа се вклопува со јавно прокламираните „пријателски односи“ меѓу Орбан и актуелната македонска власт, како и со политичката и идеолошка блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнителна сенка врз целата ситуација фрлаат и долгогодишните шпекулации за бизнис-интереси на унгарски структури во Македонија. Овие наводи ја заматуваат сликата и отвораат сомнеж дали станува збор само за неуспешен дипломатски маневар или за уште еден пример на двојна политика и игри зад затворени врати, далеку од очите на јавноста.
Клучното прашање што останува без одговор е едноставно, но суштинско: ако навистина постоеле блиски политички, идеолошки и лични врски, зошто обидот за влијание врз Орбан пропаднал? И дали македонската дипломатија уште еднаш се обидела да ја реши сложената европска равенка преку погрешни сојузници и погрешни стратегии?
Одговорите на овие прашања ќе бидат клучни не само за разбирање на минатите дипломатски потези, туку и за идниот пристап на Македонија во однос на своите европски интеграции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

