Русија го прекршила великденското примирје речиси 3000 пати, алармира Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија го прекршила договореното великденско примирје речиси 3000 пати, и покрај тоа што самата го прогласи. Според него, украинските вооружени сили евидентирале 2935 случаи на нарушување на прекинот на огнот, кој официјално истече на полноќ.
„Украинските дејствија ќе продолжат да бидат огледални – на тишина ќе одговараме со тишина, а нашите удари ќе бидат заштитни, како одговор на руските напади“, напиша Зеленски на Telegram, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Во меѓувреме, украинските воздухопловни сили објавија дека биле забележани руски извидувачки дронови над северниот регион Суми, информира „Укринформ“. Само вчера, според истите извори, биле забележани 86 вооружени судири меѓу украинската и руската војска.
Андриј Коваленко, директорот на Центарот за спротивставување на дезинформации при Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, истакна дека руската пропагандна кампања, насочена кон обвинување на Украина за нарушување на примирјето, не успеала.
„Русија не го почитуваше сопственото примирје, а на некои места дури го искористи затишјето за подготовки за нови офанзиви“, рече Коваленко. Тој додаде дека доколку Москва навистина сака да стави крај на војната, барем ќе се залагаше за продолжување на великденското примирје за 30 дена.
Коваленко исто така ја поддржа иницијативата на украинскиот претседател за целосен прекин на руските ракетни и дронски напади врз цивилни цели. „Ова е мошне соодветен и разумен предлог“, нагласи тој.
И покрај официјалното примирје, обете страни и натаму се обвинуваат меѓусебно за негово прекршување. Засега, нема независна потврда за овие тврдења. Коваленко заклучи дека во следниот период ќе стане појасно дали Русија навистина има намера да стави крај на војната. „Засега тоа не е извесно“, изјави тој.