19 септември 2025
• од Тодор Вангелов
Талин, 19 септември 2025 – Три руски борбени авиони МиГ-31 во петокот влегоа во воздушниот простор на Естонија, членка на НАТО, и таму останале околу 12 минути, соопштија естонските власти.
Министерот за надворешни работи Маргус Цахкна на социјалната мрежа X објави дека авионите се движеле над Финскиот Залив без летен план и без радио-контакт со естонската контрола на летање.
„Сѐ поголемото тестирање на границите и агресивноста на Русија мора да се сретнат со брзо засилување на политичкиот и економскиот притисок,“ истакна Цахкна, додавајќи дека ова е четврто прекршување на естонскиот воздушен простор од страна на Москва годинава, но прво со три ловци истовремено.
Рускиот отправник на работи во Талин бил итно повикан во Министерството за надворешни работи, каде што му била врачена протестна нота. Од Москва засега нема официјален коментар.
Инцидентот предизвика брза осуда од европските институции. Шефицата на европската дипломатија Кaja Калас го нарече настанот „исклучително опасна провокација“, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна дека „Европа стои рамо до рамо со Естонија“.
Фон дер Лајен воедно ги повика земјите членки да го поддржат 19-тиот пакет санкции против Москва.
Естонија е третата членка на НАТО која во последниве недели пријавува вакви нарушувања. Минатиот викенд Романија соопшти дека руски дрон навлегол во нејзиниот воздушен простор за време на напад врз Украина, додека Полска пред десетина дена објави дека 20 руски дронови биле соборени откако ја преминале границата – што Варшава го оцени како „невидено кршење“.
Шефот на НАТО, Марк Руте, по овие инциденти нагласи дека засилувањето на безбедноста на источниот крил на алијансата е „критично за спречување на агресијата и одбраната на секоја земја-членка“.
Инцидентот во Естонија се случува во момент кога западните сојузници се обидуваат да поттикнат разговори за прекин на огнот во Украина. Но, според шефот на британската тајна служба Ричард Мур, „нема докази дека Владимир Путин има интерес за мир“.
Киев во меѓувреме повторно побара заедничка европска заштита на небото и зголемување на инвестициите во домашното производство на оружје за одбрана од руските напади.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

