САД ја продолжуваат поддршката за Украина, и покрај повлекувањето на трупите од Полска
Иако американските војници се повлекоа од меѓународниот логистички центар Жешов-Јасионка во Полска, поддршката од САД за Украина не престанува. Ова го потврди полскиот министер за одбрана, Владислав Косиниак-Камиш, нагласувајќи дека испораките на воена помош продолжуваат непречено.
„Помошта од САД за Украина не е запрена – таа продолжува и во форма на размена на информации и преку логистички трансфери на воени средства. Нема прекин во испораките“, изјави министерот.
Тој појасни дека повлекувањето на американските трупи не значи намалување на поддршката, туку прераспределба на одговорностите меѓу НАТО-сојузниците. Центарот во Жешов-Јасионка сега е под надлежност на Алијансата, а за оваа промена се разговара уште од јули 2024 година.
„Обврските што претходно ги извршуваа американските војници сега се преземени од други сојузници. Војската на САД останува во Полска, но на други стратешки локации“, додаде Косиниак-Камиш.
Во моментов, логистичкиот центар е поддржан од трупи на Норвешка, Германија, Велика Британија, Полска и други земји-членки на НАТО, кои заеднички обезбедуваат непречено функционирање на мисијата за поддршка на Украина.