08 септември 2025
• од Тодор Вангелов
Заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, вчера оствари средба со министерот за одбрана на Бугарија, Атанас Запрјанов, соопшти бугарското Министерство за одбрана.
Шекеринска престојува во Бугарија по повод отворањето на најголемата досега мултинационална вежба за управување со вонредни состојби „BULGARIA-2025“. Вежбата е организирана заеднички од Евроатлантскиот центар на НАТО за координација при катастрофи (EADRCC) и бугарското Министерство за внатрешни работи, а во неа учествуваат и единици на Бугарската армија.
На средбата меѓу Шекеринска и Запрјанов биле разгледани прашања поврзани со одвраќачкиот и одбранбен потенцијал на Алијансата, безбедносната состојба во регионот на Црното Море и Западен Балкан, како и предизвиците кои произлегуваат од војната во Украина.
Министерот Запрјанов ја информирал Шекеринска за приоритетите на бугарската одбранбена политика и текот на процесот на модернизација на вооружените сили. Тој повторил дека Бугарија останува посветена на колективната одбрана на НАТО, при што ја нагласил важноста на правичната распределба на обврските, зголемувањето на инвестициите во одбраната и развојот на современи технологии и иновации.
Во своето обраќање, Радмила Шекеринска истакнала дека Бугарија е ценет и доверлив сојузник во НАТО. Таа потенцирала дека земјата располага со значителен потенцијал за развој на одбранбената индустрија, како и дека последователните напори за модернизација на армијата претставуваат значаен придонес за Алијансата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден