25 април 2025
• од Вардарски
Во време на зголемени безбедносни закани, зборовите имаат огромна тежина и моќ да предизвикаат насилство, предупреди денеска заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, на средба со млади во Будва, Црна Гора.
„Кога безбедноста е загрозена, нема ништо поважно“, истакна Шекеринска, нагласувајќи дека НАТО останува одбранбен сојуз, но дека историјата покажува: за да се избегне војна, мораме да бидеме подготвени за неа.
Според неа, демонстрирањето сила, единство и решителност за заштита на секој сојузник е клучно за спречување на конфликти.
Најавувајќи го претстојниот НАТО-самит во Хаг во јуни, Шекеринска истакна дека главен фокус ќе биде на зголемување на воените трошоци и капацитетите за одбранбено производство. Таа посочи дека некои земји, особено оние што се граничат со Русија, веќе вложуваат меѓу 4 и 5 проценти од својот БДП во одбраната.
„Во време на предизвици, мораме да носиме тешки одлуки – а тоа значи повеќе вложувања во нашата безбедност“, нагласи таа.
Шекеринска предупреди дека живееме во опасни времиња: војната во Украина продолжува, а продлабочената соработка меѓу Русија, Северна Кореја, Иран и Кина дополнително ја зголемува потребата за јакнење на одбранбените капацитети на НАТО.
На прашањето за приклучувањето на Украина кон Алијансата, таа се повика на искуството на Северна Македонија која чекала 30 години за членство, нагласувајќи дека приемот на Украина е важен, но и тежок процес. „Во тешки времиња не смееме да ја изгубиме надежта“, рече Шекеринска.
Таа посебно се осврна на стратешкото значење на Западен Балкан за НАТО.
„Не е доволно само да нема војна. Зборовите имаат значење. Денес регионот е мирен и стреми кон Европската Унија, но сè уште слушаме изјави за поделби, национализам и сецесионизам. Тоа не се само зборови – понекогаш зборовите се поопасни од оружјето, бидејќи можат да предизвикаат насилство“, предупреди Шекеринска.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

