26 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД сè уште го разгледуваат воведувањето на секундарни санкции против Русија, доколку не се постигне напредок во мировниот процес во Украина.
Ова го пренесе агенцијата АП, повикувајќи се на изјава на Трамп дадена во одговор на новинарско прашање. „Ќе ја разгледаме целокупната ситуација и веројатно ќе воведеме секундарни санкции“, рече Трамп, додавајќи дека времето за таква одлука се приближува.
Претседателот потсети дека уште на 14 јули дал рок од 50 дена за Русија и Украина да постигнат мировен договор. Доколку тоа не се случи, Вашингтон може да воведе 100-процентни царини за купувачите на руска нафта и дополнителни санкции против Москва.
Во својата порака, Трамп не ја исклучи можноста за нова средба со рускиот претседател Владимир Путин, но не потврди дали таа е планирана во блиска иднина.
Оваа закана со нови санкции е дел од поширока промена во американската политика, поттикната од разочараноста поради продолжените руски напади врз Украина. САД неодамна најавија нова испорака на оружје за Киев, што е дополнителен знак за нивната посветеност на поддршка на украинската одбрана.
Од руската страна, реакцијата не доцнеше. Поранешниот претседател на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека Москва не се интересира за, како што ја нарече, „театралната уцена“ од страна на американскиот лидер.
Тензиите меѓу Вашингтон и Москва продолжуваат да растат, а исходот од ултиматумот на Трамп останува неизвесен.
Срамни услови во Скопје – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација