Трамп: Светските лидери ми се јавуваат, плачат и ми го бакнуваат газот само за да им ги намалам царините
американски претседател Доналд Трамп повторно предизвика внимание со своите контроверзни изјави, тврдејќи дека светските лидери се во паника поради новите американски царини и го молат да ги намали давачките.
„Тие држави ми се јавуваат и ми го бакнуваат газот за да преговараат за моите царини, кои се легендарни. Тие умираат за да склучат договор“, изјави Трамп. „Ми се јавуваат и со плачлив глас ми велат: ‘Ве молам господине, ајде да направиме договор, ќе сторам сѐ што треба‘.“
Новите царински мерки, кои стапија на сила денеска, се однесуваат на повеќе од 60 земји, со цел, како што рече Трамп, да се воспостави „реципрочен трговски однос“. Најголемиот удар го доби Кина, со нова стапка на царини што достигнува дури 104%.
Овие мерки, сепак, предизвикаа тектонски поместувања во светскиот трговски систем, зголемувајќи го ризикот од глобална рецесија и предизвикувајќи несигурност на берзите. И покрај тоа, Трамп изјави дека е отворен за преговори со некои земји, иако испраќа мешани пораки дали царините ќе останат трајно на сила.
Според напис на американскиот портал „Политико“, Белата куќа дури и не одговорила на некои телефонски повици од странски лидери кои се обидувале да стапат во контакт со цел да започнат преговори.
Царинската политика на Трамп останува една од најконтроверзните теми во неговиот политички арсенал, со поддржувачи кои ја слават како заштита на американската економија и критичари кои ја гледаат како ризик за глобалната стабилност.