19 септември 2025
• од Тодор Вангелов
Украинската стратегија да ги напаѓа руските нафтени постројки е „најефикасната работа што Украина може да ја направи“ за да ја ослабне руската воена машинерија, но тоа нема да ја скрши армијата и нема да ја запре војната, изјави рускиот економист Владислав Иноземцев за Euronews.
Во текот на ноќта во четвртокот, Украина изведе напади врз една од најголемите нафтени рафинерии и петрохемиски комплекси во Башкортостан, на 1.300 километри од фронтот во Украина.
Паралелно, украинските специјални сили известија и за удар врз рафинерија во Волгоградската област, околу 450 километри од линијата на фронтот. Според Киев, таа игра клучна улога во снабдувањето на руската војска со гориво и е најголем производител на нафтени деривати во Јужниот федерален округ на Русија, со годишна преработка од 15,7 милиони тони сурова нафта – 5,6% од вкупниот национален капацитет.
Украина во последниве недели ги засили нападите со дронови врз руската нафтена индустрија, предизвикувајќи суспензија на операции и дури недостиг на гориво на национално ниво. Според проценките на Reuters, нападите ги оневозможиле постројките што покриваат најмалку 17% од капацитетот за преработка на нафта во Русија, или 1,1 милион барели дневно.
Иноземцев нагласува дека погодените рафинерии се многу потешко заменливи од фабрики за дронови: „Фабрика за дронови може да се обнови за три дена. Но ако ја погодите нафтената рафинерија – последиците се далекусежни, може да гори со недели“.
Тој додава дека опремата е скапа и речиси незаменлива поради западните санкции: „Фактички тоа е европска и американска технологија, која тешко може да се замени со кинеска“.
Според Иноземцев, секое намалување од 10% во производството на бензин создава економски дефицит, а пад од 30% во дизелот е уште поопасен. Недостигот веќе е видлив: пумпите остануваат без гориво, редици возила се протегаат низ руските региони, а цените достигнуваат рекордни нивоа.
„Украинците тука навистина погодија во сржта,“ рече Иноземцев. „Недостиг на бензин, затворање аеродроми и проблеми со интернет – тоа се трите најиритантни работи за секој Русин.“
Иако Русија е втор најголем извозник на нафта во светот, зголемената побарувачка и континуираните украински напади ја тераат Москва да воведе целосна забрана за извоз на бензин до 30 септември, а делумна забрана до 31 октомври.
Иноземцев објасни дека Кремљ веќе размислува за скапи мерки, како ракетна одбрана и анти-дрон заштита околу постројките, што дополнително ќе ги одвлекува ресурсите од економијата. Дополнително, владата разгледува зголемување на ДДВ за да го контролира буџетскиот дефицит.
И покрај санкциите, руската економија и натаму бележи раст, но прогнозите се дека БДП ќе се намали на околу 1% од минатогодишните 4,3%. Инфлацијата останува над 8%, а 40% од приходите се насочени кон одбраната и безбедноста.
„Влегуваме во состојба на нулти раст, но секогаш ќе има доволно за војна,“ изјави Иноземцев.
Тој предупредува дека украинските удари имаат длабоко влијание: „Напад врз Воронеж допира само до локалното население. Но кога рафинерии горaт низ цела Русија, сите сфаќаат дека работите не одат добро и дека владата е немоќна“.
Сепак, според него, Владимир Путин е решен: „Тој е убеден дека за една-две години Западот и Украина ќе се срушат. Тој сака да продолжи.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

