31 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Украина е многу блиску до развој на сопствени балистички ракети, изјави украинскиот министер за одбрана Денис Шмигал во интервју за BBC-Ukraine.
„Претседателот на Украина веќе најави дека земјата ќе добие сопствена балистика. Многу сме блиску до тоа. Тоа е сè што можам јавно да кажам за ова прашање“, рече Шмигал.
Министерот истакна дека во услови на војна не е возможно извоз на оружје произведено од украински приватни компании. „Извозот на оружје е политичка одлука, секогаш и во секоја земја. Во војна, ако нашиот војник на фронтот нема доволно оружје, невозможно е тоа оружје да се извезува додека не ги опремиме нашите вооружени сили со над 100 проценти капацитет. Доколку има вишок во производството, потребно е да се најдат финансиски средства за да се набави тоа оружје и да се додели на армијата“, додаде тој.
Некои украински производители, сепак, се залагаат за извоз на оружје со образложение дека државата не ги откупува количините кои тие ги произведуваат, а на нив им се потребни средства за да продолжат со работа и усовршување на технологијата.
Министерот за одбрана увери дека владата бара дополнителни извори на финансирање за да може да нарача сè што може да се произведе во земјата. Тој нагласи дека во услови на војна, директен извоз на оружје не е реална опција. Наместо тоа, можни се партнерски проекти, при што дел од оружјето би се складирало кај меѓународни партнери или би се формирале силни синџири за размена на вооружување.
Шмигал објави и дека Украина има потреба од најмалку 120 милијарди долари за одбрана до 2026 година. Според него, се работи активно со сојузнички земји за да се обезбеди барем половина од таа сума, а во тек се сериозни преговори со членките на Европската унија и НАТО.