23 август 2025
• од Гоце Кически
Во Украина денес се одбележува Денот на националното знаме, симбол на државноста и единството, во услови на постојани руски напади врз украинските градови.
Претседателот Володимир Зеленски учествуваше на свечена церемонија во Киев, каде што синo-жолтото знаме беше подигнато пред Градскaтa куќa. На настанот присуствуваа припадници на вооружените сили, пратеници од Врховната рада, членови на градскиот совет и претставници на заедницата.
Празникот, воспоставен во 2004 година со указ на тогашниот претседател Леонид Кучма, го одбележува моментот од 23 август 1991 година, кога украинските пратеници за првпат го внесоа националното знаме во парламентот, еден ден пред официјалното прогласување на независноста од Советскиот Сојуз.
„Ова знаме симболизира сè што е најдрагоцено за стотици илјади наши војници – мажи и жени од сите делови на Украина – кои ја бранат не само една линија на фронтот, туку целата држава,“ изјави Зеленски. Тој додаде дека знамето е цел и сон за многу Украинци во привремено окупираните територии, кои веруваат дека нивната земја нема да им биде предадена на окупаторите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, порача дека знамето е симбол на сила и амулет со кој украинските војници влегуваат во битка. „Со него им оддаваме почит на нашите бранители и на паднатите херои. Украина докажа дека нема да се повлече во крвавата борба за својата слобода, земја и европска иднина,“ рече тој.
Одбележувањето се случува во време кога Русија ги засилува воздушните напади врз украинските градови. Според регионалната воена администрација во Донецк, во саботата градот Краматорск беше погоден од артилериски оган, при што беа повредени три лица, од кои две беа префрлени во болница. Руските напади оштетија приватни куќи и предизвикаа најмалку десет експлозии.
Москва, пак, објави дека нејзините сили презеле контрола врз населените места Средње и Клебан-Бик во Донецкиот регион.
Зеленски, во средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, побара дополнителни безбедносни гаранции за Украина, според моделот на членот 5 од Северноатлантскиот договор. Тој го обвини Владимир Путин за одолговлекување на преговорите со цел да продолжи со окупацијата на украинска територија, повикувајќи ги европските и американските сојузници да извршат посилен притисок врз Москва за да се стави крај на војната која трае веќе четири години.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

