Зеленски: Украина ќе одговори огледално – примирие за примирие, удари за удари
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ќе одговори на секоја акција на Русија на ист начин – со примирие, ако има примирие, или со одбрана, ако следуваат напади.
„Ќе дејствуваме огледално – онака како што ќе дејствува руската страна. Примирие како одговор на примирие, одбранбени удари како одговор на напади“, напиша Зеленски.
Тој додаде дека доколку дојде до целосно затишје на фронтот, Украина предлага тоа да продолжи и по Велигден, кој оваа година се одбележува на 20 април.
„Токму тоа ќе ги покаже вистинските намери на Русија. Триесет часа тишина се доволни за наслови во медиумите, но не и за вистински чекори за градење доверба“, нагласи украинскиот претседател.
Зеленски исто така соопшти дека вечерта очекува детален извештај од главнокомандантот на украинската армија, Олександр Сирски, за состојбата на боиштето.