03 мај 2025
• од Вардарски
Синоќа, во периодот од 22:00 до 01:00 часот, полициски службеници од СВР Штип во координација со инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи спроведоа акциска контрола во еден угостителски објект во Штип. Акцијата се одвиваше по претходно изготвен план и беше насочена кон откривање на прекршувања и недоследности во работењето на локалот.
При контролата, во објектот било затекнато 17-годишно малолетно лице од Штип кое консумирало алкохолен пијалок. За овој случај ќе бидат поднесени соодветни поднесоци против угостителот поради послужување на алкохол на малолетник.
Исто така, полициските службеници кај 29-годишниот А.С. од Струмица, кој бил посетител на објектот, пронашле и одзеле една зипер кесичка со непозната бела прашкаста материја, за која постои сомневање дека е дрога. Лицето е приведено и против него ќе биде поднесена кривична пријава согласно член 215 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Дополнително, било утврдено дека обезбедувањето на локалот ја вршело дејноста без потребните законски лиценци. Од страна на инспекторите од Пазарниот инспекторат и УЈП биле констатирани и други неправилности, за кои се изречени соодветни мерки и санкции.
Оваа акција е дел од засилените контроли кои надлежните институции ги спроведуваат со цел зголемување на безбедноста и почитување на законите во угостителските објекти низ државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

